Како што е познато, во Македонија во моментот има 4.043 активни случаи на коронавирус кога вчера беа потврдени 137 нови.
Според податоците на Министерството за здравство, досега како последица на вирусот почи нале 442 лица, а оздравени се 5.071 од вкупно 9.547 заразени од почетокот на пандемијата.
Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека ситуацијата е под контрола и нема потреба од рестриктивни мерки.
„Засега нема најава за нови дополнителни рестрикции, нема индикација или, пак, кој било параметар да укажува дека ситуацијата се влошува. Ситуацијата е стабилна, епидемиолошката состојба ја имаме целосно на увид“, вели министерот.
Во моментот во болниците во државата хоспитализирани се 400 пациенти. Во однос на тоа министерот смирува дека бројот е константен подолг временски период. Тој рече дека состојбата се менаџира соодветно и епидемиолошката состојба ја имаат целосно на увид.
Комисијата за заразни болести во текот на викендот се очекува да расправа за укинување на ПЦР-тестовите за граѓаните од земјите во регионот, потврдува министерот за здравство, Венко Филипче.
Според него, од следната недела на граѓаните на Косово, Босна, Црна Гора и Србија нема да им треба негативен тест за да влезат на територијата на Северна Македонија.
Филипче истакна дека генерално ситуацијата со коронавирусот кај нас е стабилна, а во земјите од регионот пандемијата била под контрола.
Во моментов, Владата има услови за граѓаните на Косово и Србија за движење во Северна Македонија, додека од земјите од регионот, Бугарија и Грција имаат строги мерки за нашите граѓани кои условуваат влез со 14-дневен карантин. Мерки нема поставено само Албанија.
Косово продолжува да ја применува мерката за негативен ПЦР тест за граѓаните на Северна Македонија и забрана за движење на транзит во случај ако не станува збор за организиран превоз.
Властите во Косово велат дека во моментов не станува збор за олеснување на мерките. Ниту Министерството за здравство, ниту Министерството за внатрешни работи на Косово веќе неколку дена немаат конкретен одговор за тоа зошто на граѓаните од Македонија не им е дозволено приватно да транзитираат низ Косово и на тој начин се спречува пристапот до албанското крајбрежје.