Синоќа беше избран новиот владин кабинет. Веднаш потоа, на медиумите и социјалните мрежи се нижеа реакции од аналитичари, новинари, обични граѓани. Еве што на старо-новата власт им порача Јорданка Ивановска Јоци:
„Новата Влада на СДСМ/Д УИ/ДПА е избрана. Мојата цел, за која се залагав е исполнета. И таа цел има врска со Македонија, која мораше да добие европска и прогресивна Влада. А, не грујови остатоци од минатото, кои, ќе ја оковаа за навек во темнина.
Знам дека тоа многумина не го сфатија во дадениот момент, но ќе го сфатат по одредена временска дистанца дека единствено СДСМ беше опцијата, друга немаше.
Нека е работлива новата Влада. Среќа не им треба. Затоа што среќа за нова Влада – не треба. Или работиш, или не работиш за доброто на граѓаните. Средина – нема.
Ако не работат и повторно нижат скандали, јас, ќе бидам првата која ќе се залага да си заминат од власт.
Не, не…тоа нема да бидат неспособните вмровци кои не знаат каде тераат со Мицкоски на чело. И веројатно, сега во моментов, се опиваат од тага по биртии и ја нарачуваат ,,Зашто су ти косе побелеле друже”.
Токму јас прва ќе се залагам, која два пати ја гласав оваа постава. Ако потфрлат, готово. Им давам грејс период од 100 дена да покажат дека се смениле, пред да ги заплескам убаво.
Не сум партиски човек и тоа СДСМ многу добро го знае. Можеби сум за нив отсекогаш, ама не сум нивна. И тоа го знаат, кристално јасно.
Сите други прикаски кои ги ,,продаваа” вмровци изминативе месеци на народни маси за мене и уште ги продаваат, се прикаски за мали деца.
Не сум јас никаква своина на СДСМ. Ниту сум им барала функции, ниту им барам. Не ми ни требаат за ништо во животов. Многу сум голема.
Ги охрабрувам да продолжат по европската патека, со нашиот сојузник САД, да не ги понесе власта и адреналинот и секако таа моја поддршка си има црвени линии. Честитки.“