Мицковски вели дека бомбите се сечени и монтирани
Денеска, на Јутјуб каналот кој носи име „Рекет“ беше објавен нов разговор помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и неправосилно осудениот во „Рекет“ Зоран Милески-Кичеец. За време на разговорот е присутно и женско лице, во кој Мицкоски вели дека е единствениот кој се бори против Законот за Јавно обвинителство.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев очекува министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска да ги викне на сослушување претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и бизнисменот Орце Камчев, како што вчера го повика поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев.
Вчера како што ве известивме Дончев во 16 часот имал покана во полициската станица Карпош, во својство на граѓанин, да даде информации за неодамна објавената видеоснимка на која се гледа дека фаќа пари.
„Министерот Наќе Чулев тоа го прави заради политички маркетинг, ама сега кога тргнаа со ваквите аршини, очекувам, како што слушам денеска, да го викнат и господинот Мицкоски и да го викнат господинот Орце Камчев баш по истите аршини за сослушување како што тоа го направија со господинот Ден Дончев“, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање за сослушувањето на Ден Дончев, на партиски настан пред Основниот кривичен суд.
Од друга страна пак, Мицкоски, рече дека станува збор за само еден разговор со Кичеец, а се сечат и монтираат парчиња по потреба на СДСМ и Зоран Заев.
За Законот за јавно обвинителство, Мицкоски, во изјава за државната агенција МИА, кажа дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се противело на работата на Специјалното јавно обвинителство, но вели дека и кога тоа било оперативно имало сериозни индиции за злоупотреба и политичко влијание.