Францускиот министер за здравство, Оливие Веран, предупреди дека борбата со коронавирусот ќе биде долга, а вториот национален карантин ќе се избегне само ако луѓето се придржуваат кон правилата за физичко дистанцирање.
Бројот на поч инати од вирусот во САД се приближи до 150.000, а претседателот на Русија, Владимир Путин, рече дека неодамна подобрената состојба во неговата земја може брзо да се влоши.
Во услови на повторен остар пораст на бројот на заразени во многу европски земји, меѓу кои и Белгија, Шпанија, Луксембург и Хрватска, Веран ги повтори зборовите што Светската здравствена организација ги кажа во вторникот – дека Европа сè уште се наоѓа во почетниот голем бран на пандемијата.
Франција во последните 24 часа регистрираше 15 нови упокоени од ковид-19 во болниците, со што вкупниот број на поч инати во земјата стигна до 30.223 од почетокот на пандемијата.
„Не се соочуваме со втор бран, епидемијата постојано е тука“, рече Веран за телевизијата ЛЦИ. „Некои луѓе не ги почитуваат правилата.
Не смееме да го спуштиме штитот. Не сакаме да прибегнеме кон уште еден карантин. Ја испитуваме ситуацијата од случај до случај.“
„Во јната не заврши… Луѓето мора да разберат дека со овој вирус ќе живееме прилично долго време“, додаде тој.
Шпанија во изминатиов ден дијагностицираше уште 1.153 корона инфекции, соопшти денеска Министерството за здравство, додека земјата продолжува да се бори со брз раст на бројот на новите случаи.
Кумулативниот вкупен број се искачи на 282.641 случај, соопшти Министерството. Бројката порасна за 2.031 од претходниот ден и ги вклучува и резултатите од тестовите за антитела кај луѓе што можеби веќе оздравеле.
Земјите низ целиот свет се обидуваат да ги намалат повторните пикови со нови забрани, додека истражувачите продолжуваат со тестирање на потенцијалните вакцини на луѓе.
Откако во последните шест недели бројот на глобалните случаи се удвои, упорноста на вирусот го поткопа оптимизмот дека е на повидок некакво враќање на животот пред пандемијата, вели Гардијан.
Овомесечниот остар пораст на бројот на заразените во Аризона, Калифорнија, Флорида и Тексас ги преплави болниците и ги принуди државите да ги прекинат обидите за олабавување на забраните.
Како пример за леснотијата со која вирусот успева да се врати, Виетнам, кој се фалеше дека веќе со месеци го нема вирусот, денеска се подготвува за уште еден бран инфекции, откако државните медиуми објавија нови случаи во Ханои, Хо Ши Мин Сити и регионот Централни Планини поврзани со неодамнешното жариште во централниот град Дананг.
Локалните лидери во главниот град Ханои објавија дека од вечерва на полноќ ги затвораат баровите и забрануваат големи собири.
„Мораме да дејствуваме веднаш и брзо. Сите големи собири ќе бидат забранети на неодредено време“, рече лидерот на Ханои, Нгуен Дук Чунг.
Во Хонг Конг лидерката Кери Лам рече дека градот е на „работ на големо жариште на ниво на заедницата што може да доведе до колапс на нашиот болнички систем и да чини животи, особено кај постарите лица“.
Во понеделничното соопштение од Канцеларијата за Хонг Конг и Макао, високото претставништво на Пекинг во градот, се вели дека капацитетот за тестирање на Хонг Конг повеќе не може да ја исполни побарувачката и „неговиот медицински систем и објекти за карантини се преплавени“.
Последиците од континуираната пандемија беа јасно видливи во Мека кога муслиманските аџии, кои носеа маски за лице и се движеа во мали групи по деновите поминати во изолација, почнаа да пристигнуваат на најсветото место на исламот за ограничениот аџилак, настан што обично привлекува 2,5 милиони луѓе.
Наместо да стојат и да се молат рамо до рамо во море од луѓе, аџиите се социјално дистанцирани, стојат одвоено и се движат во мали групи од по 20 за да ја ограничат изложеноста и потенцијалното пренесување на вирусот.
Првпат во историјата на Саудиска Арабија владата им забрани на муслиманите од странство да влезат во земјата за да го изведат аџилакот, со цел да ја ограничат изложеноста на коронавирусот.
Наместо тоа, групи од 1.000 до 10.000 луѓе што веќе престојуваат во Саудиска Арабија беа избрани да учествуваат во аџилакот.
Владата не објави конечна бројка, освен што кажа дека две третини се странски жители од 160 различни националности што нормално би биле застапени. Една третина се саудиски безбедносни лица и медицински персонал.
Повторувајќи ги зборовите на Веран и другите, Владимир Путин рече дека епидемијата на корона вирусот во земјата се стабилизира, но предупреди дека ситуацијата останува тешка и дека може лесно да се влоши.
Русија го регистрираше четвртиот најголем број на заразени во светот и здравствените власти денеска пријавија вкупно 828.990 случаи и 13.673 починати.
извор: galama.club