Попуштањето на епидемиолошките мерки, поголема достапност на тестовите, но и опуштање во текот на летото се причина за зголемувањето на бројот на заразени со Ковид-19 во Европа, изјави денеска епидемиолог на Светската здравствена организација.
Младите луѓе, кои најчесто имаат поблага форма на болеста, а со тоа и пониска смртност, делумно се причина за зголемување на бројот на заболени, но вирусот не ослабна и „нема индикации дека е помалку опасен“, изјави Ричард Пибоди, епидемиолог на СЗО, кој го води тимот за патогени со висок ризик, во интервју за Франс Прес.
Бројот на случаи во Европа се зголемува во последните неколку недели, но – барем засега – не и бројот на починати, според организацијата.
Организацијата на ООН е загрижена за евентуалното олеснување на мерките.
„Ако го намалите притисокот врз вирусот, тој ќе се врати“, рече експертот, кој ги повика европските земји да останат будни и да го применат она што го научиле во првите месеци од пандемијата.
„Треба да се направат напори за брзо откривање на нови случаи и нови групи на случаи, за да се обиде да се спречи ново ширење на болеста“, рече Пибоди.
Податоците на СЗО за Европа, кои опфаќаат 55 европски и централноазиски земји, покажуваат дека скоро 3,7 милиони луѓе се пријавиле дека имаат Ковид-19, од кои 218.383 починале. Во светот се дијагностицирани повеќе од 20 милиони случаи на инфекција со коронавирус.